Спомени - Христо Чернопеев

II

Чернопеев заедно со Сандански во Разлог учествува при фаќањето на Мис Стон. - Борба со врховистите на чело со Саев. - Чернопеев се грижи да ги запре селаните да не востануваат. – Вооружени судири со врховистички чети. – Чернопеев во Струмичко.

Заминавме за Разлог и таму мислевме некого да уловиме, на пр. некој си  Хаус, инспектор на протестантите. Во Банско бев јас со Сандански, а четата беше вон. Случајно пристигна Мис Стон. Решивме да ја заробиме. На три часа од Банско, во месноста Предел, бевме со целата чета од кои некои беа облечени со аскерски алишта. Сандански Ви раскажал како се случи фаќањето на Мис Стон и нејзината другарка госпоѓа Цилка, Бугарка. Бидејќи Дончо после со свои луѓе ја нападна мојата чета од 5 души во с. Тросково, каде што беа и заробените жени, момчињата се окопаа и водеа престрелка. Жените беа во една визба. Јас пристигнав со 50 души селани од организираните од с. Лешко и Дончо, кога разбра дека наближуваме, отстапи. Во таа престрелка едно селанче од с. Тросково, кое што Дончо го испрати да ни предложи да се предадеме, нашите момчиња го убиваат кога наближило, без да знаат кој е. Со жените се криевме само по селата - Покровник, Лешко, Селиште, Тросково и Сушица. Откако Дончо премина во Мелничко, отидовме и во с. Кресна и с. Влахи. Кога се зеде откупот бевме во Влахи. Детето на Цилка се доби во Кресна.

Дончо отпрвин се кажувал четник (т.е. началник на чета) од Петричко и дека доаѓа да отвори канал за Мелничко, за да пренесува оружје. Една чета под водството на Мих. Лазаров (родум од Бугарија, унтерофицер) од 13 души, којашто била составена од селани на организацијата, била вратена назад преку границата, а оружјето им го зел Дончо, како и оружјето кое што го носеле за Петричко. Дончо им предлагал и тие да се присоединат кон него, затоа што тие оделе без „полномошно" од Централниот комитет.

Откупот се зеде во февруари 1902 г. Јас заминав во Струмичко да ги пуштам жените а другите го донесоа откупот. Сумата после се распредели по реоните.

Пролетта 1902 година врховистите успеаја да фатат почва во Петричко, Џумајско и Малешевско. Селаните се уште не се имаа одметнато од внатрешните, туку само сакаа да се примириме со врховистите. Последните работеа со луѓе кои внатрешните ги избегнуваа. Тие повеќето беа со лошо име - шверцери и др. Се прогонувавме. После Дончо во Џумајско за четник дојде Ив. Пашалијата. Јас го гонев, сакав да се сретнам со него па пред населението да се искажат и двете страни и да му остават на населението само да суди. Во с. Железница раководителите ги предадоа моите луѓе на турците, а Пашалијата избега. Раководителите побараа да се повлечам. Јас настојував да се одржи собрание, за да се прегледаат сметките. Раководителите, учители, Хр. Стоев и Хр. Ташов, користејќи се со тоа дека има два комитета, избегнуваа да се јават на собрание и да се разгледаат сметките за земени пари. Нивен човек, Георги Кривошиев, преоблечен во турски алишта, оди во Џумаја и им јавува на турците. Јас и другарите видовме дека од Џумаја тргна аскер (се гледа од селото), но не претпоставувавме дека ќе има предавство. Зафатив позиции и се случи седумчасовна борба. Едно момче падна. Пашалијата во тоа време се затскривал во с. Железница. Тоа беше на велики вторник. После веќе се виде, дека не може да има здружување со врховистите па се започнаа жестоки гонења. Со Саев јас се судрив на два пати. Првиот судир со Саев беше, кога се сретна со мене ноќно време кај колибите Габрово и се отпочна престрелка, којашто траеше близу еден час. Од нивна страна падна едно момче мртво, а од наша страна две момчиња беа ранети - Нунков Костантин (од Чирпан) и Ѓошо Иванов (од Враца, сега убиен во Гевгелиско). И двете страни знаеја, дека не се борат со турци. Тоа  беше во мај месец. Кон крајот на мај имав уште еден судир кај Селиште пак со Саев; изутрината настана престрелка од куќите, околу еден час, без жртви. Еднаш јас и Саев пред многумина селани во с. Лешко се објаснувавме во присуство и на двете чети; и двете страни останаа цврсто на своето.

Агитацијата на врховистите се состоеше главно во тоа, дека уште во текот на истата година ќе имало востание и говореа, дека помош ќе има и од Бугарија и од Русија.

Во август месец, кога јас се сретнав еднаш со Саев и говорев цел ден со него за востанието, Саев беше на мислење, дека нема да се крева востание, а ќе треба да се работи уште една-две години. И јас тогаш се искажав дека штом е така, се надевам преку зимата да се договориме и двете страни. Кај 17 септември 1902 г. пристигнаа уште 30 души со Славчо Ковачев, Крсто Асенов и др., па четата ми стана до 50 души. Задачата ни беше, под моја команда да се избркаат врховистите и најважното, да им се осуети планот за востанието, за што тие веќе јавно агитираа. Селаните веќе си беа приготвиле се за востание, си скриле храна, алишта и ништо не работеа, ништо не си приготвуваа за зимата, за овците и др. со цврста верба дека ќе се ослободат. Селаните во Џумајско, Петричко и Малешевско тогаш веќе беа преминати откај врховистите. Имаше села како Лешко, каде што врховистите не си пробија пат, но општо земено повеќето беа наклонети кон нив. Со Саев беше и Лефтеров - вкупно до 40 души; Дончо во Петричко водеше до 20 души; Пашалијата во Малешевско и Петричко - 15 д.; на левиот брег на Струма Јордан Стојанов и Николов водеа околу 80 души. Во Малешевско имаше чети испратени од Цончев, но нивните водачи беа месни луѓе како Васил Пехливанот, Костандиев, Петар Уже, а во Петричко: Костадин Попов, Кост. Бакалов и др.

Кога се зголеми четата на 50 души, тргнав по трагите на Саев со цел да го нападнам и да го прогонам па да се осуети востанието. Некои од селаните, кога видоа дека јас се засилив и како наближуваше денот на востанието, зедоа да се колебаат, дури и многу врели приврзаници на врховистите, како на пр. поп Лазар од с. Падеж, па дојдоа да ме викаат да ги спасам т.е. да го прогонам Саев. Јас пристигнав во Падеж и за малку ќе го фатев Саев, но Саев одделува четири души од својата чета, кои отишле па ги убиле спахиите од с. Железница (на 22. септември, во недела). Селаните, исплашени од последиците, одат кај Саев да бараат совет, токму спроти 23. септември во ноќта, кога јас го барав Саев. Саев им одговорил на селаните дека востанието е решено па штом дојдат турците да ги ловат, тие да ги земат пушките и да удрат. На осамнување јас запрев во с. Падеж, а кога излегов да ги поставам стражарите, ги видов двајцата селски попови, ги повикав и од нив разбрав за убиството на спахиите и за востанието кое што веќе почнувало со тој ден и дека поповите оделе во црквата да ги подигнат црковните книги и прибор. Саев тогаш бил во с. Тросково. Додека уште така разговараме, припукаа и пушките во с. Железница - се отпочна престрелка меѓу селаните и аскерот. Кога припукаа пушките, ние излеговме на ридот, гледавме со дурбините и видовме дека селаните, разбиени од аскерот, бегаа во паничен страв. Ние, како кои селани ќе сретневме, ги убедувавме да не земаат учество, претпоставувајќи дека судирот ќе се ограничи само во с. Железница. Аскерот го запали селото Железница. Тогаш добив писмо од Саев со содржина : „Селаните се борат и не знам која е причината, ела да им помогнеме на селаните или барем чувај ни го грбот". Јас, кога го добив писмото, слегов од ридот, надофјдоа селани, жени и деца и ги советував да не бегаат, затоа што ќе ги пресретбне друг аскер, туку да си седат по домовите. Ете ти го доаѓа Саев со развиено знаме кон Железница. Ние се повлековме кон с. Габрово да ги убедуваме другите села да си стојат мирно. Имаше цел ден борба меѓу Саев и аскерот. Ние гледавме од далеку. Малку селани зедоа учество. Многу дојдоа кај нас, каде што зазедоввме позиција за секој случај. Се стемни. Ние стоевме уште три дена во Џумајско и немаше никаква друга борба. Саев со 4-5 жртви се извлекол. На четвртиот ден, кога почнаа да се движат потерите, се повлековме во Малешевско. Таму три-четири дена се движевме и ги убедувавме селаните да стофјат мирно и да ги остават четите да се борат. Еден ден седевме на една височина и забележавме, дека еден човек со шинел влезе во една колиба. Ние со Крсто Асенов отидовме таму и тој се претстави како четник од четата на Васил Пехливанов. Го заробиввме без спротивставување. Од него и од писмата кои ги носеше, разбравме дека тие решиле да креваат востание во Малешевско другиот понеделник, кај 30 септември. Сега наредбите им беа прво да се убијат полјаците и спахиите турци, што има, и сите селани да се кренат кој со што има - со коси, секири и др. Ние не верувавме дека селаните ќе се кренат, но Пехливанот од друга страна испратил луѓе да ги убијат падарите, па кога ќе дојдат турците, селаните од страв да бидат принудени да се борат. Тогаш набрзина донесовме решение – се разделивме на две групи: Крсто Асенов со 15 души отиде да обиколи еден дел од Малешевско, а јас другиот дел со цел и да убедувавме кон мир и да ги разбиеме врховистичките чети, кои би ги сретнале. Тргнавме дење, да обиколиме што повеќе села. Крсто кај с. Митрошинци сретнал тројца од луѓето на Пехливанов кој дошле да ги убиваат полјаците. Селаните успеале да му јават на Крсто, тој ги заобиколил, но тие избегале. Ние пак со другата група отидовме во с. Владимирово со цел да свикаме собрание во недела, за да се разбереме со селаните. Ние во тоа село се кажувавме, дека сме кренале востание во Џумалиско и доаѓаме да ги ослободиме. Тоа го направивме со цел да дознаеме каде е четата на Васе Пехливанов. Селаните се доверија, кога со мене го видоа и Владислав Ковачев со офицерски алишта (порано не одеше со офицерски алишта) и ни кажаа каде е четата. Тогаш му напишавме писмо на Пехливанов и го потпишавме „Дарвингов", за да дојде да се договориме за востанието. Дознавме, дека тој веќе собрал до 50 души селани со цел да го нападне другиот ден, денот на востанието, аскерот во с. Будинарци. Ние требаше да дејствуваме брзо, затоа што остануваше само еден ден за да ја спречиме катастрофата и затоа прибегнавме и кон кажаното лукавство. Пехливанот се посомневал во писмото, затоа што едно од неговите момчиња, кои беа опколени пред тоа од нас, му кажало дека пукале на нив ама не знаело сигурно, дали бил аскер или не. Пехливанот испрати двајца свои четници, меѓу кои беше и Григор Георгиев-3верката. Од последниот, кој бил човек на внатрешните, дознав дека тие решиле да кренат востание на другиот ден. Го задржавме Зверката кај нас а другиот го испративме со писмо до Пехливанот да дојде да се сретнеме. Тој наместо да дојде со целата чета, се одделува со 6 души и доаѓа спроти нас на 1/2 час растојание и праќа еден човек да одат само двајца луѓе од нас кај него. Отиде Ковачев со уште едно момче да го убедуваат да не крева востание. Видов дека треба да се убие Пехливанот и се приближив со четири души зад него, каде што разговараа со Ковачев. Кога се врати Ковачев и соопшти дека оној не си го повлекува решението и Пехливанот уште чекаше, отворивме оган на нив, го ранивме Пехливанов, едно момче падна на место и други две ранети. Ние се повлековме. Пехливанот, ранет во нозете, не можеше да оди. Како последица на тоа и не се случи востание во Малешевско; селаните, кои се беа собрале кај Пехливанов, се разбегаа.

Ние постојавме уште малку во Малешевско, додека го очистивме од тие четици. Една чета од нив, нападната од Крсто Асенов, изгубила еден четник и избегала во Бугарија. Во с. Горем (Петричко) уште првиот ден на востанието селаните, кога виделе дека ги излагале, ги свртеа пушките против врховистите и раководителот Блгаринов Стојан. Тој таа пролет заедно со својот татко пак отишол да организира, но, предадени од соселаните, биле испотепани од турците. Откако го поисчистивме Малешевско, таму остана Крсто Асенов, а пак јас заминав за Струмичко, затоа што таму се откри афера па турците бараа пушки, тепаа, го измачуваа населението за да го приберат оружјето и др. Кога пристигнав, открив дека речиси целото оружје е предадено. Се уплашив дека ќе го приберат целото оружје и решив да удрам на аскерот. Престана гонењето и се успокоија духовите. Зимата ја поминав по селата во Струмичко со чета од 10 души. Ковачев замина за Штипско. Некои се вратија во Бугарија, болни.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина