Осуда и Казна, Милост и Простување

До Исус се приближија голем број луѓе со камења во рацете

Тие беа спремни да каменуваат една жена која направила прељуба. Според законот што им беше даден од Бог преку Мојсеј, жената што извршила прељуба тие требаа веднаш да ја каменуваат. Но тие луѓе со камења во рацете не беа спремни да ја убијат жената бидејќи тие самите беа потајни прељубници, но тие направија сцена со цел Христос да биде понижен пред народот. Учењето на Господ Исус Христос не им се допаѓаше на тие луѓе наречени Фарисеи и Учители, бидејќи Господ Исус учеше да се простува на непријателите, и не само да им се прости но и да ги Љубиме нашите непријатели, а со ова ги сруши нивните патриотски идеи за ослободување од Римското Робство. Господ кажа дека Царството Божјо ќе се освои со Мир и со Љубов, а не со војна и насилство, и со тоа ги уништи плановите на Евреите за слободна Јудеа.  Затоа Фарисеите и Учителите потајно се надеваа дека Христос ќе биде милостив кон жената, дека ќе и прости, дека ќе ги спречи во каменувањето и со тоа ќе го сруши законот на Мојсеј. После ова Христос ќе беше прогласен за Еретик и ќе беше каменуван заедно со жената која направила прељуба. Затоа тие го прашаа: Учителе, оваа жена беше фатена во прељуба, во Законот Мојсеј ни нареди да ја каменуваме, а сега ти што ќе кажеш ? Господ Христос ги позна нивните подли намери да го прогласат за еретик, и мудро им одговори: Оној од вас кој не направил грев прв нека фрли камен на жената.
После овој одговор сите беа пострамени, понижени и тие полека еден по еден се повлекоа и избегаа од лицето на Господ Христос, и наскоро не се најде ни еден од нив во близина. Останаа само Господ Христос и Жената.
Господ ја праша жената: Жено, каде се тие ? Никој не те осуди ? Таа му одговори: Никој. Тогаш ниту јас нема да те осудам. Оди сега и остави го твојот грешен живот.
Од ова можеме да заклучиме дека Господ не го сака гревот бидејќи и заповеда на жената да го остави грешниот живот. Ова е прекрасен пример како ние треба да се однесуваме со нашите ближни и со нашите пријатели. Ние треба секогаш да ги советуваме, да им укажеме на грешките што тие ги прават, но никако не смееме да се фатиме за камен или да се одбидеме да ги казниме на било каков начин. Во стариот завет Бог нареди прељубните мажи и жени да бидат каменувани, не за буквално да се каменуваат тие луѓе, но за луѓето да имаат страв од тоа гнасно дело кое се нарекува Блуд. Бог е тој што ќе ги казни луѓето уште на земјата со болест, несреќа, смрт, и конечно во идниот живот тие луѓе што не сакале да го пазат Законот од Бог и да живеат во светлината на Божјите зборови ќе бидат осудени на вечните маки во земјата наречена Пекол. А ние треба со сите сили и со голема Љубов да го советуваме нашиот ближен да го промени својот живот. На пример во денешно време многу често можеме да ги видиме нашите пријатели како се фаќаат за дроги, како возат кола пијани, како ги тепаат своите жени пијани, како мажите наместо да ги дадат своите пари на децата за да им овозможат солиден живот, тие ги даваат парите за цигари, алкохол или ги даваат парите во кафани на некој перверзни пејачки. Сите тие дела се одвратни и ние мораме со најлоглема Љубов да делуваме и да се обидеме да предизвикаме промена во животот на ближните кој скренале на погрешен пат. И сега не треба ние таквиот човек да го оговараме, или со насилство да го промениме, но треба задно со повеќе луѓе што го познаваат и што го сакаат да го повикаме на страна и да му укажеме на можните последици од грешниот живот, исто така да се обидеме да ги разбереме вистинските причини поради кои личноста западнала на пример во пиење и дрога, и потоа да помогнеме. Често пати луѓето денес се осамени, нервозни, оставени, сиромашни и малку им фали да се фатат за погрешен начин на утеха, и таквиот пример ние треба да го приметиме и веднаш да делуваме, односно да им го овозможиме она што им недостасува, а тоа е пред се Љубов, Мир, Нежност, Разбирање но и реална помош во решавање на животните проблеми.
А како да се однесуваме со оние кои постојано и упорно не малтретираат ?
Еднаш кога го прашаа Христос колку пати треба да им се прости на оние кои ни згрешиле Он одговори седум пати по седумдесетиседум, а тоа значи секогаш и бесконечно да простуваме. Исто така Он учеше ако не им простиме на оние што ни згрешиле, и Бог нема да ни прости. Тоа се гледа и од молитвата Татко наш .. прости ни ги долговите како и ние што им ги простуваме на нашите должници ... Тоа значи кога некој човек ќе не повреди, и кога ќе дојде при нас и ќе не замоли да му простиме, и кога ќе ни вети дека ќе се обиде да биде добар и да се промени, тогаш нашето срце треба да биде отворено и тој човек да го разбереме и да му простиме, да бидеме милостиви, бидејќи ние сме создадени според лицето на Светиот Бог. Бог е бескрајно милостив со оние кои ја бараат неговата милост, така и ние треба да бидеме бескрајно милостиви со нашите ближни, но само во случај кога ќе видиме дека ближниот има желба да се промени.
Но ако тој што е упорен во злото, упорно се обидува да го наруши нашиот мир и да ни наштети на било каков начин без да чуствува одговорност, без да чуствува болка во совеста дека го нарушува нашиот внатрешен и надворешен мир, тој човек треба да го советуваме да се промени, и ако не се промени треба да го игнориреме бидејќи понатамошниот однос со тој човек може да има бекрајно лоши последици за нас. За тој човек ни останува единствено да се молиме на Господ, ако е можно со силата на Светиот Дух да делува натприродно на човекот што е закоравен во злото и да му ги отвори очите да ја види неговата состојба и да му го отвори патот до вистинска промена и покајание. Зборот покајание значи промена. Значи мора да бидеме претпазливи да не дозволиме нашата милост и добро однесување да биде злоупотребено. Така ако некој несправедно ни удри шамар по едниот образ, според учењето на Господ Исус Христос ние не смееме да му вратиме на тој човеч, со што злото би се умножило, но треба да му објасниме дека тоа дело не е добро, без да превземаме насилни чекори да му вратиме. Господ рекол на тој човек сврти му го и другиот образ. Но откако тој човек ќе видиме дека не сака да се промени и седи упорен во злото, тогаш ние ќе мораме да го игнориреме колку што е тоа можно, да го избегнуваме на улица, и единствено што ни останува е да го спомнуваме во нашите молитви и да се надеваме на Божјата помош.
Апостол Павле вели дека ако некој ни прави зло, а ние му вратиме со мир и со љубов, тогаш на тој човек му ставаме невидлив жар над главата, и тој човек наскоро ќе мора да ги почуствува силните последици на страшната Божја казна, а ние ќе се наречеме Благословени од Господ, бидејќи Господ ќе ја види Љубовта и Вистината во нашето срце и ќе не зарадува.

Понекогаш злото е толку силно што не можеме да го игнорираме, на пример во војна, на работно место, или во нашиот дом. Тогаш единствено Љубовта и Молитвата ќе бидат нашето последно и најсилно оружје против силите на злото. Љубовта и Молитвата во нашето срце во такви страшни безизлезни моменти мора да бидат бескрајни. И тогаш Господ ќе ни покаже вистински пат, Бог ќе се смилува на нас и ќе не ослободи. Бидејќи Бог е Реален Вистински Бог. Бог е Семоќен и Бог е тој што во текот на нашиот живот дозволува да почустуваме болка, но сето тоа е наука, и ние ќе научиме како нашата Љубов да биде Совршена и Боженствена.


 

Кликни да се вратиш назад на првата страница со линкови за овој WEB