Во почетокот
Бог ги создаде небото и земјата. Земјата беше безоблична и празна и имаше
темнина над бездната. Духот Божји лебдеше над водата. И рече Бог: Нека биде
светлина. И би светлина. И виде Бог дека светлината е добра и ја оддели Бог
светлината од темнината. И светлината Бог ја нарече ден а темнината ја
нарече ноќ. И би вечер и би утро, ден први. Потоа
рече Бог: Нека има свод среде водата и тој да разделува вода од вода. И
создаде Бог свод и ја одвои водата од под сводот од водата над сводот. Така
и стана. И сводот Бог го нарече небо. И би вечер и би утро, ден втори.
И рече Бог: Нека се собере водата што е под
небото на едно место и нека се појави суво. И стана така. И сувото Бог го
нарече земја, а собраните води ги нарече мориња. И виде Бог дека е добро. И
пак рече Бог: Нека израсне од земјата зеленило - трева што дава семе според
својот род и вид и дрво плодородно на земјата што дава плод и има во себе
семе според својот род и вид. И стана така. И пушти земјата од себе зеленило
- трева што дава семе според својот род и вид а и дрво плодородно што раѓа
плод и чие семе е според нивниот род на земјата. И виде Бог дека е добро. И
би вечер и би утро, ден трети. Потоа рече
Бог: Нека се појават светила на сводот небесен што ќе ја осветлуваат
земјата, за да го делат денот од ноќта и да бидат знаци и за времињата и за
деновите и за годините, и нека светат на сводот небесен за да ја осветлуваат
земјата. И би така. И создаде Бог две големи светила, светило поголемо да
управува со денот а светило помало да управува со ноќта, и ѕвезди, и ги
постави на сводот небесен да ја осветлуваат земјата и да управуваат со денот
и ноќта и да ја оделуваат светлината од темнината. И виде Бог дека е добро.
И би вечер и би утро, ден четврти. Потоа рече
Бог: Нека произведе водата лазачи, живи суштества и птици да полетаат над
земјата под сводот небесен. И би така. И создаде Бог големи риби и секаков
вид животни влекачи а кои ги произведе водата според нивниот род како и
секаков вид крилати птици според родот нивни. И виде Бог дека е добро. И ги
благослови Бог велејќи: Плодете се и множете се и наполнете ја водата во
морињата и птиците небесни да се множат на земјата. И би вечер и би утро,
ден пети. Пак рече Бог: Нека произведе
земјата од себе разни суштества според родот нивни: Добиток и лазачи и
ѕверки земни според нивниот род. И би така. И создаде Бог ѕверови земни
според родот нивни и добиток според родот негов и секакви гадинки на земјата
според родот нивни. И виде Бог дека е добро. Потоа рече Бог: Да создадеме
човек според нашиот образ и подобие, како што сме ние, кој ќе биде господар
над рибите морски и над птиците небесни и над ѕверовите, над целата земја, и
над сите гадинки што се движат по земјата. И го создаде Бог човекот според
образот свој, според образот Божји го создаде, машко и женско ги создаде. И
ги благослови Бог и им рече: Плодете се и множете се и наполнете ја земјата
и господарете над неа и овладајте ги рибите морски и ѕверовите и птиците и
сиот добиток и со целата земја и со сите животни што лазат по земјата. И
рече Бог: Еве ви дадов секаков вид растение што дава семе и какво има по
целата земја и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид,
тоа да ви биде за храна. А на сите ѕверови земни и на сите птици небесни и
на се што се движи по земјата и во кое има жива душа им ги дадов сите тревни
растенија за да имаат да јадат. Така и стана. И виде Бог дека е многу добро
се она што го беше создал. И би вечер и би утро, ден шести.
Така се доврши небото и земјата и сиот украс
нивни. И ги заврши Бог до седмиот ден делата свои што ги направи, и се
одмори во семиот ден од сите дела свои што ги создаде. И го благослови Бог
седмиот ден и го освети, зашто во тој ден се одмори од сите дела свои што ги
направи и создаде. Ете така настанаа небото и земјата во она време кога
Господ Бог ги создаде земјата и небото.
Кликни да се вратиш назад на првата страница со линкови за овој
WEB