Д И Ј А Б Е Т Е С
Многу пати имаме можност да слушнеме дека шеќерната болест е болест на модерното време, болест на цивилизираниот свет и дека во годините што следат таа ќе биде уште пораспространета, така да во иднина таа нема да има статус на болест, туку ќе биде една одлика на човечкото суштество. Токму ова ја прави шеќерната болест да биде состојба на организмот, а не болест. Според најновата светска терминологија шеќерната болест или дијабетесот веќе се смета за состојба на организмот, затоа што секој дијабетичар може редовно и без пречки да ги извршува секојдневните задачи и активности исто толку успешно како и условно здравите луѓе околу него. На сето ова може да се надоврзе и фактот од испитувањата кои што навистина покажуваат дека процентот на луѓе со дијабетес од ден на ден, за жал, се повеќе расте по нагорна линија и дека процентот на заболени е толку зголемен, што за неколку години оваа болест ќе достигне статус на епидемија, иако нејзината природа не е пренослива. Овој процент забрзано се зголемува особено во руралните земји и средини во целиот свет, каде што населението нема поволни услови за живот и каде што процентот на едукација за одржување на здравјето и хигиената е на многу ниско ниво.
Но шеќерната болест не е појава на 20от век, туку таа ги влече своите корени од многу одамна, од пред многу векови пред нашето време. Податоците за шеќерната болест датираат од стари времиња, од ерата на нашите древни предци, за кои што оваа болест тогаш била енигма и неразјаснета појава. Тоа предизвикало многу голем интерес кај тогашните народни лекари, кои со голема доза на ентузијазам се зафатиле со проучување, а со крајна цел да најдат некој лек што би ја спречил нејзината појава. Од тогаш, па се до денес направени се многу испитувања и експерименти кои што научно би ја објасниле појавата на оваа состојба на пореметување во човековиот организам, но без некои поголеми успеси. За разлика од порано денес знаеме многу повеќе за дијабетесот, но сепак не се знаат точните причинители на оваа трајна состојба. Познати се само некои најчесто среќавани клучни фактори како што се: наследноста, стресот, зголемената телесна тежина, инфекции, нередовен живот, пубертет и слични.
Рамиел Леви е еден од најпознатите познавачи на дијабетесот и тој во една прилика дал духовита изјава: „Ако ме прашате што всушност е шеќерната болест, морам да признаам дека знам“. Оваа негова изјава мораме да ја сфатиме условно, затоа што за разлика од порано, ние денес знаеме многу повеќе за дијабетесот во поглед на факторите за настанување, третманот и лекувањето и компликациите што произлегуваат од оваа состојба.
Во еден од најстарите досега познат и пишан медицински документ кој датира од 3500 година п.н.е., така наречениот Еберсов папирус, опишана е една болест која во основа ја карактеризира зголемена потреба за пиење на вода, која што е пропратена со исто така зголемена потреба за често мокрење. Овие знаци подоцна се категоризирани како основни симптоми за поставување на дијагнозата на дијабетесот.
Во делата на старите Индијци исто така опишана е оваа состојба на организмот од страна на лекарот Шушрута. Тој забележал дека оваа состојба е симптоматична за луѓето на кои секојдневната исхрана им изобилува со многу ориз, скробна храна и шеќер.
Целзус бил римски лекар кој што живеел во првата половина на 1от век од нашата ера. Тој во неговата документација спомнува за еден случај на болен човек кој што не чувствувал никакви болки, а неговата болест се состоела од многу пиење вода и други течности, а опаѓање на неговата физичка спремност и состојба на телото. Случајот на крајот завршил со смрт на пациентот. Исто така овие симптоми во целост одговараат на денешните стандардизирани симптоми според кои се утврдува постоењето на дијабетесот во човековиот организам.
Уште еден запис од 3от век од нашата ера е интересен за разгледување. Напишан е од Демитрија од Апонеја, кој што за прв пат го употребил зборот „дијабет“, што во слободен превод значи „поплава на моч“. Болеста се карактеризирала со жестока потреба за вода, при што не доаѓало до отоци на телото, туку водата поминувала низ телото како низ цевка, без да се задржи во организмот. За жал оригиналните записи се изгубени, а овие податоци се изнесени од сеќавањата на византискиот лекар Целија Аурелијан.
Не се знае кој за прв пат забележал дека урината на заболените од дијабетес има сладок вкус, но во 3от век од нашата ера, јапонските лекари забележале дека кучињата со големо задоволство ја пијат урината исфрлена од организмот на овие болни. До овој заклучок дошол и англискиот лекар Томас Вилис во 17от век, но не му било јасно од каде овој сладок вкус.
Во 18от век Џон Роло и германскиот лекар Јохан Петер Франк потврдиле дека урината е слатка и тогаш и го дале името на болеста „мелитус“, што во превод значи „медов, сладок“ и така тој назив се задржал се до денес. Денешното медицинско име на болеста е „Дијабетес мелитус“.
Кон крајот на истиот век, англискиот лекар Мортон забележал дека болеста е наследна. Сто години подоцна познатиот анатом Џовани Моргањи од прочуениот Медицински факултет во Падова во Италија, зборува за непознатотот потекло на болеста.
Но денес со сигурност е докажано дека главна причина на болеста е нарушената функција на жлездата наречена панкреас, што во превод значи „цела од месо“ или гуштеровидна жлезда, затоа што порано се сметало дека целата е од месо. Оваа жлезда кај човекот е сместена во стомачната празнина под и зад желудникот. Долга е околу 15 см, тешка околу 100 гр и со дебелина околу еден палец.
Со подоцнежните истражувања на германскиот лекар Паул Лангерханс е дојдено до заклучок дека панкреасот е составен од повеќе мали „островчиња“ кои го излачуваат и компонираат хормонот кој придонесува за намалување на нивото на крвниот шеќер. Бидејќи островче во превод на латински се вика „инсула“, бил добиен и називот на хормонот т.е. инсулин. Во чест на научникот овие мали островчиња во панкреасот се наречени Лангерхансови острови. Подоцна, по експериментален пат, на кучиња со сигурност е докажано дека хормонот наречен инсулин, покрај другите негови функции, е мошне важен и во регулацијата на крвниот шеќер.
Со вакви испитувања се зафатиле хирургот Фредерик Бантинг од Торонто и неговиот асистент, студентот по медицина, Чарлс Бест во 1920 година. За оваа цел тие експериментирале на куче-скитник, кое што подоцна го нашло својот дом во нивната лабораторија. Тие му го дале името Мерџори-кратенка од Маргарита и се грижеле за него не само во лабораторијата, туку и дома. Експериментот се состоел од тоа што тие му го отстраниле панкреасот на кучето и продолжиле да го одржуваат во живот со вшприцување на смесата што ја добиле од панкреасот. Кучето се осеќало многу добро и практично здраво, но за жал тие морале да го убијат за да видат дали настанале некои оштетувања на внатрешните органи како последица на експериментот. По испитувањето се утврдило дека сите внатрешни органи биле сосема здрави и дека смесата што содржи инсулин, што се додавал од надвор, не направил никакви оштетувања.
Неколку години подоцна хемичарот Колип добил таква форма на инсулин што можела да се применува и врз луѓе. Овој инсулин за прв пат е применет на едно 13 годишно момче, кое било тешко болно. На ова момче му бил спасен животот. Подоцна се дознало дека и други лекари дошле до слични сознанија при своите испитувања. Од тогаш направени се многу напредоци во развитокот и технологијата за добивање на што поквалитетен и поефикасен инсулин и тој редовно се употребува за лекување на болните од дијабетес. За овој пронајдок на Бантинг и Маклуд им беше доделена Нобелова награда.
Пронаоѓачот на инсулинот, Фредерик Бантинг, загинал во 1941 година во Втората Светска војна вршејќи ја својата должност како воен лекар.
Во 1936 година за првпат инсулинот е добиен во чист кристален облик. Низ годините се користеле многу форми на инсулини. Најмногу се користеле свинскиот и говедскиот инсулин, а исто така и други видови од животинско потекло. Од 1982 година во употреба е пуштен т.н хуман инсулин, кој е биосинтетички инсулин и е најблизок на природниот инсулин што го произведува човечкиот панкреас. Овој инсулин е со најмал процент на контраиндикации по човековото здравје и денес е најраспространет лек за лечење на дијабетесот. Најголемиот шок за денешните дијабетичари од типот 1 (инсулино-зависни) е обврската за секојдневно инјектирање на инсулин, понекогаш и понеколку пати во денот. Исто така постојат и инсулински пумпи кои може да се носат постојано со себе и по потреба да се инјектира потребното количество на инсулин.
Научниците пронашле инсулин којшто може да се прима орално, односно да се проголта, но при ваквиот начин е потребно големо количество на инсулин, а тоа доведува до конфликт со желудочните сокови, така да овој начин нема практична примена.
Последниве неколку години многу напор се вложува во оперативниот зафат врз панкреасот, односно да се искорени дијабетесот од заболеното лице со трансплантација на клетки од панкреас од друго здраво лице. Можеме да кажеме дека на ова поле се постигнати завидни резултати, иако сеуште постои проблемот на одбивање на клетките од другото тело како туѓи тела.
Се надеваме дека модерната медицина во иднина ќе пронајде некое поново и поефикасно средство за сузбивање на појавата на дијабетесот или за негово поефикасно лекување. Тоа би го искоренило традиционалниот начин на инјектирање на инсулин со помош на шприцеви, игли, инсулински пенкала или носење на инсулински пумпи.