Здружението на граѓани со дијабетес на општина Прилеп (ЗГДОП) е неполитичка, невладина, непрофитабилна и хуманитарна организација. Таа претставува форма на организирање со чија помош се врши едукација на граѓаните со дијабетес со главна цел за намалување на можните компликации кои што можат да се појават како последица на лошо регулиран дијабетес. Исто така ЗГДОП ги застапува и се бори за интересите и правата на дијабетичарите од прилепската општина и пошироко.

            Здружението е формирано во 1998 година и е законски регистрирано во Основниот суд-Прилеп. Се до јули 1999 година, ЗГДОП беше мошне малку активна организација. Во средината на 1999 година, ЗГДОП доби простории за користење во здравната амбуланта на Тутунски Комбинат. Во овие простории се оформи еден локален клуб на дијабетичарите од Прилеп. Здружението доби просторија каде што ќе може да ги исполнува своите активности и работни програми што се предвидени во Статутот и годишниот план на ЗГДОП.

            Во ЗГДОП членуваат 450 граѓани со дијабетес од Прилеп, од кои 170 инсулино-зависни што е скоро 30% од оваа популација во Прилеп, а скоро секј ден се зачленуваат нови, а особено оние кои се инсулино-зависни.

            ЗГДОП активно соработува со многу владини и невладини институции и тоа со Клиниката за Ендокринологија во Скопје, Клиниката за Детски Болести – отсек Ендокринологија, Светската Здравствена Организација, Центарот за континуирана медицинска едукација, Црвениот Крст на Македонија, Фондација Институт Отворено Општество (ФИОО-Македонија), Институтот за Трајни Заедници (ИТЗ), Светска Банка, многу организации што се инволвирани во проблематиката на дијабетесот, приватни фирми и невладини организации.

            ЗГДОП е членка на СЗГДМ (Сојуз на здруженија на граѓани со дијабетес на Македонија) и е една од 17-те членки основачи на овој сојуз. Воедно, Претседателот на ЗГДОП е Потпретседател на СЗГДМ.