главна документи телема
 

AD VERITATEM IX0

ВОВЕД ВО ИСТОРИЈАТА НА O.T.O.

ORDO TEMPLI ORIENTIS е Иницијантско Тело составено од мажи и жени кои ги прифатија принципите на Книгата на Законот, која беше пренесена од Алистер Кроули (1875-1947) во Каиро, Египет 1904 е.в. Комуникацијата беше остварена со Интелигенција која се претстави себе си како Аиваз, пратеник на хиерархијата која господари со нашиот вид. Книгата прогласува Нов Закон за човештвото и планетарна транзиција во Еонот на Хорус или Новиот Еон. Книгата се смета како совршен пренос на божественото, ослободена од сите грешки на човечко вмешување.

Алистер Кроули во најмала рака ќе биде запаметен како најголем окултен гениј на 20 век. Во Книгата на Законот е именуван како Пророк на Новиот Еон. Тој е енормно продуктивен како писател, неговите сопствени дела претставуваат најдобар водич до неговиот контроверзен карактер. Неговите биографи не успеаја да ја доловат неговата суштина, дури и во случајот кога не беа премногу непријателски настроени. Кроулиевото влијание врз модерниот окултизам е непроценливо, тоа продира во секоја Западна окултна школа. Оваа колекција на документи, која е мал дел од неговиот книжевен опус, му дава дури и на новиот читател особена импресија за Кроули.

О.Т.О. практикува јога, медитација, церемонијална Магика, кабала, дивинација и сродни дисциплини од Западната традиција на Мистерии. Нашиот централен главен штаб, долго време центриран во Беркли, Калифорнија сега е во Њујорк, со бројни групи раширени низ целиот свет. Редот е отворен за сите слободни и полнолетни мажи и жени (сега дефинирано 18 години) со добра препорака.

Степените на Редот, кои се опишани во неколку документи од Редот вклучени во ова издание, се изведуваат на церемонијален начин. Структурата на Степените кореспондира со Хинду системот на Чакри кој е прикажан на повеќе места во ова издание. Така серијата степени од Човек на Земјата целосно го активира спиритуалното тело на Иницираниот.

Покрај ритуалите од Степените, бројни тела на Редот регуларно ја изведуваат Гностичката Миса на О.Т.О. , која исто така е присутна во ова издание. Значењето на Мисата во рамките на О.Т.О. најдобро е илустрирана во Исповедите на Кроули, каде што тој го нарекува овој ритуал; "централна церемонија на неговата (од Редот) јавна и приватна прослава."

Различни други групни ритуали се изведуваат, уникатни за секоја единица од Редот и главно се индикативни за поважните интереси на дотичната група. Тука можат да бидат вклучени други групни дела на Кроули, како што се Ритуалите на Елевзина, оригинална адаптација на разни митски циклуси, ревизии на соло ритуали за групно учество или други креативни дела.

ВОВЕД ВО ТАЈНИТЕ ДРУШТВА

Ние изнесуваме Знаење или Гноза која може да ја перцепира секое човечко суштество - дека "секој маж и секоја жена е ѕвезда." Понатаму постулираме дека Божествената свест се заснова на искуство и дека одредени техники се вредни за да го индуцираат тоа искуство.

Религиозниот инстинкт е интегрален аспект на човештвото. Од дамнешни времиња луѓето се собираа за да ја бараат Вистината и тука лежат корените на Редот. Тајните друштва посветени на потрага по вистината постоеја во сите периоди и култури. Од ритуалите за пубертет кај абориџините, екстатичното вртење на Дервишите, до грижливо изготвените церемонии на Масоните; целта е секогаш иста - програмирана измена на свеста во рамките на групниот амбиент.

Митовите кои ја објаснуваат појавата на свеста кај човечката раса биле континуиран културен феномен. Египќаните, Сумерите, Индијците, Кинезите, Грците, блиско-источните, Келтските и други цивилизации имаа Традиции на Мистерии со најважно социјално значење. Секоја од нив имаше подучувачки легенди за личности кои мистериозно се појавиле за да донесат цивилизациски дарови и спиритуална мудрост.

Овие преносни Сили различно биле сфатени како Богови, ангели, духови и мноштво други имиња. Токму на овие Суштества (без обѕир каква естетика е употребена за да се опишат) ние им ја припишуваме религиозната свесност која е пренесена преку О.Т.О. денес.

ERA VULGARIS

Медитеранските земји карактеристично функционираа како родно место на религиите и религиозните движења. Три од најголемите религии, Христијанството, Јудаизмот, Исламот се појавија во овој регион. Пред нивниот зачеток, уште од предисторијата староседелците ги обожаваа божествата Оан, Озирис, Енки, Адонис, Атис и други. Токму затоа подрачјето е едно од необичните религиозни вкрстени-оплодувања со постојани политички немири.

Постојано се повторува историската тема за владите кои се обидуваат да ја контролираат религијата на луѓето со цел да постигнат стабилност. Во 325 е.в. Римскиот Император Константин собра група на религиозни лидери за да постигне свои цели. Тој стана првиот владетел кој го прифати Христијанството како државна религија. Соборот во Ница, или Ниценскиот Собор ја резимира иднината на религијата. Целта на средбата беше да се започне теолошка расправија. Губитникот беше анатемизиран и прогонет, неговите книги беа спалени и нивното поседување се сметаше за капитален прекршок. Хипокритското изгласување на првото верување на новата религија ја зацементира работата на Соборот. Сето ова се случи како дел од "добрата" насока на паганскиот Император, кој беше злогласен убиец и кој великодушно ги награди присутните бискупи откако беше завршена нивната работа.

Стандардизацијата на Библијата следеше некоја година подоцна. Елементите на Мистицизам кои беа неспојливи со "реформата" беа вешто отстранети од Канонот. Подмолните прогонства на Гностиците, Паганите и Евреите осигураа непостоење на филозофско ривалство со растечката Христијанска идеолошка консолидација. Во 391 е.в., побеснета Христијанска толпа ја разурна Александриската Библиотека и Храм (големата ризница на паганското учење.) Со ова беше зададен голем удар на духот на интелектуалното истражување и беше спречена можноста за откривање на измамата која беше изградена врз тогаш присутните остатоци од постарите култови.

Ересот стана популарна изрека за религиозна шпекулација. Филозофијата која беше толку високо ценета во паганското друштво, беше ограничена. Неколку векови изминаа пред освојувањето на моќта, кога оваа политика се претвори во масовни убиства, но увежбувањето на Инквизицијата беше на добар пат во меѓувреме. Еден пример е убиството на Хипатија во 415 е.в. Славен лидер на Неоплатонската Школа, таа беше расчеречена дел по дел од банда на разулавени Христијански монаси. Големиот Пан сигурно не беше мртов, но човек може да го замисли неговиот плач за човечките страдања што претстоеја.

КРСТОНОСНИ ВОЈНИ

Пред почетокот на Крстоносните војни во 1095, Европа беше во период на културна стагнација предизвикана од пропаста на Светата Римска Империја и од обидите на Црквата да присвои привремена власт над нејзините остатоци. Конфузијата што произлезе од тоа, водеше кон приграбување на раководната контрола од страна на бројни некогаш вазални принцеви кои овозможија подем на феудалниот систем. Хаотичноста на периодот најдобро е илустрирана од еланот на многубројните Европејци кои се придружија во крстоносните војни.

Светата Земја го содржеше семето на подоцнежната Ренесанса. Арапската култура беше во највисок подем и префинетост. Сега на религиозната мешавина од ова подрачје му беше придодадено и Европското Христијанство. Мистиците, Факирите, Зороастерците, Гностиците, Суфите и Будистите од регионот ја претставуваат калеидоскопската панорама на новодојдените крстоносци. Суеверијата и догмите на Католицизмот сигурно им изгледале прилично бледи во споредба со богатството и софицираноста на Ориенталните Теологии на кои тие сега биле изложени. Растечкиот сомнеж во однос на ексклузивното поседување на божествена наклоност од Христијанството постепено почнува да ја минира Ортодоксноста.

ВИТЕЗИ ТЕМПЛАРИ

Како резултат на Европското присуство, Војните Редови беа најстабилни институции во текот на 200 годишната западна окупација. Војниците беа секојдневно вовлечени во егзотичната култура од нивниот нов дом.

Најистакнат меѓу Војните Редови беше оној на Витезите Темплари. Основан од Хуго де Пајен во 1118, редот на почеток беше составен од 9 витези кои ги заштитуваа аџиите на нивните патувања во Светата Земја. Кралот Болдвин II, вториот Европски Крал на Ерусалим, ги награди со тоа што ги смести блиску до местото на Храмот од Соломон, од каде што доаѓа и нивното име.

Во 1126 Темпларите дојдоа под закрила на Св.Бернард од Clairvaux, највлијателниот и политички најмоќниот Католички теолог од тоа време. Тој енормно ги помогна нивните активности. На Соборот во Troyes во 1128, Св.Бернард претседаваше при пишувањето на нивните Правила, кои го диктираа однесувањето на членовите од Редот. Тие беа истовремено одобрени од Папата Хонориус. За краток период на време, тие натрупаа големо богатство и земја донирани од аристократите кои беа восхитени од нивната харизма.

Темпларските Правила постепено се проширија и вклучуваа тајни иницијации и приватни исповедници. Тие беа под директна контрола на Папата и не зависеа од ниеден Крал или нација. Со ослабувањето на Европските позиции во текот на 200 годишната окупација, Темпларите повеќепати беа обвинувани за таен заговор со непријателот. На пример, беше забележано дека боите на нивните наметки (црвен крст на бела позадина, прифатени во 1146) беа исти како оние од Асасините или Хашишимите.

Асасините, основани 1090 од Хасан-и-Сабах, се развиваа како независна Шиитско-Исмаилска сила во рамките на надмоќниот Сунитско-Муслимански Свет. Тие стекнаа важност преку одржување на екстремно добро бранетите планински тврдини и преку политиката на селективни атентати. Нивната изолација и есенцијален фанатизам сугестираше вкоренета природа од неортодоксна природа. Постоењето на комуникација помеѓу Темпларите и Асасините е добро познато. Исто така вредно е да се споменат и хирархиските сличности помеѓу двата Реда. (Асасините беа поразени од Монголците во 1256, но нивните потомци сега живеат во Индија под водство на Ага-Кан.)

Европјаните конечно беа поразени во 1291 и Темпларите ја напуштија Светата земја. При нивното враќање во Европа тие беа поздравени со претпазливост. Нивното независно, вооружено присуство предизвика тензии, бидејќи повеќе не постоеше неопходен мотив за нивното постоење. Како и да е, со обѕир на тоа што беа Папска лична армија, тие сеуште ја уживаа неговата поддршка.

Конечно, заради злобата и алчноста на Кралот Филип на Франција и слабоста на Папата Клемент V, Темпларите беа уапсени во Франција во текот на една ноќ во 1307. (Филип изведе преседан за ова 8 години порано, апсејќи го секој француски Евреин.) Папата, под директива на Филип, издаде Европски едикт барајќи од сите нации да ги уапсат Темпларите во рамките на нивните граници. Едиктот беше игнориран или површно изведен од неколку нации, особено Германија, Шкотска, Шпанија и Португалија. Сепак Француските, Италијанските и Англиските Храмови беа уништени, илјадници Витези беа убиени во следните 7 години и огромни богатства од Редот беа конфискувани од цивилни и религиозни авторитети.

Многумина мислат дека банкротираниот Филип ја здобил идејата за да го уништи Редот, кога се засолнал во Парискиот Храм заради заштита од разбунтуваната толпа која била разгневена од неговата монетарна политика и паричните манипулации. Во текот на тридневниот престој во Темпларското засолниште, тој ја увидол големината на нивното богатство. Бидејќи покрај другите работи, Темпларите воспоставиле практика на меѓународно банкарство кај Христијаните. Нивните многубројни тврдини покрај трговските патишта кои воделе кон Исток, служеле како ризници за кралевите, благородниците и трговците. Темпларите станале уште побогати со тоа. Друг мотив на Филиповото непријателство кон Редот бил во врска со неговата апликација за придружување кон Редот, некоја година претходно, која била одбиена од овие горди воини.

НАСЛЕДСТВОТО НА ТЕМПЛАРИТЕ

Темпларските преживеалци главно го смениле името на Редот, се здружиле со блиските Редови како Хоспиталиерите, или тивко влегле во илегала. Наше мислење е дека тие продолжиле да ги подучуваат доктрините и техниките што ги научиле и развиле на Исток - "тајните учења" на Редот. Понатаму ние тврдиме дека ова мошне чувано учење го овозможи подемот на окултните уметности во Европа. Темпларското распрснување во 14 век послужи како основа за езотеричен препород во следните векови, па се до денешен ден.

Првата пишана литература за Традицијата на Гралот се појави речиси истовремено со основањето на Редот на Темпларите. Темпларскиот феномен сигурно ги инспирира подоцнежните автори како Wolfram von Eschenbach, чиј Парсифал напишан кон крајот на 13 век, го открива симболизмот на ламенот од О.Т.О. Првата публикација на Parzival во печатена форма во 1477 блиску кореспондира со воведувањето на Таротот во Европа. Таротот вклучува, меѓу богатите нишки од својата таписерија, совршен сликовит приказ на симболите од Гралот. Интересно е што Св.Бернард и неговиот Цистерикански Ред се прифатени од Pauline Matarasso во Потрага по Светиот Грал како извор на монашки напатствија кои му се дадени на прислужниците на Гралот. Белите одежди на монасите, нивната доследна изолација како пустиници и доблестите кои му ги предаваат на Витезите се чиста Цистериканска доктрина.

Алхемијата разви значајна количина на литература во 16 и 17 век, за која сведочат делата на Парацелзиус. Публикацијата на Розенкројцерскиот Манифест во 1614 и 1615 го претстави концептот за Таен Ред на Адепти кој тивко ја води човечката судбина. Идејата го фасцинира Европскиот ум и стана модел за Моцартовата Волшебна флаута и други естетски теми и драми од тој период. Енохијанските дела на Д-р John Dee и Edward Kelly беа посебна точка на забрзување од оваа Струја. Плановите за утописка Грофовија на Фредерик V беа зачнати во овој значаен период, во кој исто така се случи подем на окултните светли ликови како што се Robert Fludd, Michael Maier, Elias Ashmole и Johann De Bry.

Големиот интерес за окултното со несмалена жестина продолжи во 18 век. Court de Gebelin ја воведе теоријата дека Таротот води потекло од Египет и има кабалистички кореспонденции со Хебрејскиот алфабет. Слободното Ѕидарство се рашири со рапидна стапка. Нивните Ложи одиграа стожерна улога во текот на Француската Револуција. За легендарните нејасни фигури на грофот Сент Жермен и Каљостро се веруваше дека организираат бунтови насекаде.

Илуминатите, основани од Adam Weishaupt во 1776, се развиваа рапидно и предизвикаа бескрајни спекулации за политички заговор. Сеуште се шират гласови дека уништувањето на Француската Монархија во текот на Револуцијата беше наменето за да ја одмазди крвта на Темпларите која беше пролеана неколку векови претходно.

Во 19 век, Kenneth MacKenzie, Frederick Hockley, Eliphas Levi, Sir Edward Bulwer Lytton, Papus, P.B.Randolph, W.Wynn Westcott и други, пишуваа, практикуваа и ги подучуваа светите науки. Мадам Блаватска го основа Теозофското Друштво во 1875, годината на раѓањето од Crowley. Златна Зора беше основана во 1888 и вклучуваше во своето членство некои од водечките личности на Англиската литература и уметничките кругови. Учениот окултен мајстор S.L.MacGregor Mathers беше нејзин најзначаен лидер. Неговиот генијален придонес на развојот на Западната Кабала мора да се увиди пред да стане можно сфаќањето на Crowley-иевото дело. Crowley многу брзо се издигна во степените на Златна Зора, која послужи како негова окултна тренинг база.

Следна
Модерен О.Т.О.